ВЕСТ: Од Љиља завршив на психијатар
"Само сакам да кажам дека со последната изјава на тужената, мојот живот во
Македонија стана невозможен. Овде, од еден угледен спортист, кој
придонел за Македонија, завршив на психијатар", плачеше Будимир вчера
во судницата.
Андријана Будимир ја тужи менаџерката на Тоше
Проески Љиљана Петровиќ за клевета. На 15 октомври годинава, само еден
ден пред годишнината од загинувањето на Тоше Проески, менаџерката
Љиљана Петровиќ во едно од изданијата на Ти-порталот, како и на
хрватскиот портал "24 сата" изјавила дека Андријана Будимир и Тоше
воопшто немале комуникација последните 16 дена од неговиот живот.
Изнесените невистини тужената Петровиќ свесно ги темпирала ден пред
годишнината од трагичниот настан, смета тужителката Андријана Будимир,
со цел неа да и нанесе штета. Поради тоа, Будимир поднела приватна
кривична тужба за клевета, а судскиот процес почна вчера во Основниот
суд Скопје 1. Тужителката бара јавно извинување од менаџерката на Тоше
и парична отштета од 150 илјади евра.
"За разлика од Љиљана
Петровиќ, јас не би сакала да го вовлечам името на Тоше во медиумите.
Само сакам да кажам дека со последната изјава на тужената, мојот живот
во Македонија стана невозможен. Овде, од еден угледен спортист, кој
придонел за Македонија, завршив на психијатар", плачеше Будимир вчера
во Основниот суд Скопје 1. Таа одби пауза за да се соземе, и продолжи:
"Целта на ова судење е да се разбере вистината, тужената Петровиќ јавно
да ми се извини и да ја плати штетата. Ва работата која ја почнав во
Скопје вложив се што сум заработила во животот, но по нејзините
клевети, сите оние со кои работам создадоа впечаток дека не сум при
здрав разум".
Адвокатот на Андријана Ненад Јаниќевиќ рече дека
само во првите часови по објавувањето на интервјуто со тужената, 30
илјади читатели го прочитале текстот. "Штетата што и е сторена на
тужителката е огромна", тврдеше Јаниќевиќ.
Петровиќ во својата
изјава пред Судот објасни зошто и бил потребен листингот од
телефонските повици од службениот мобилен телефон кој му го плаќала
продуцентската куќа "Аворд".
"Во 'Национал ексклузив' неколку дена
по смртта на Тоше излезе интервју со Будимир, во кое таа тврди дека
Тоше возел до хрватската граница таа кобна ноќ, па се сменил на
совозачкото место и дека и се јавил од граница. Тоше ниту возеше до
хрватската граница ниту се јави некому таа ноќ. Не напиша ни порака.
Тој воопшто не возеше таа ноќ", објаснуваше тужената.
"Со оглед на
тоа дека таа изјава предизвика хаос во семејството - дека јас лажам
кога тврдам и во процесот против возачот Ѓорѓе Ѓорѓевски дека Тоше
спиел, имав причина да побарам листинг со повиците од неговиот мобилен.
Листингот го дадов на семејството на Тоше, преку нивниот правен
застапник", рече менаџерката на Тоше. Таа тврди дека не знае како
дознале новинарите дека има листинг од повиците на Тоше од први до 16
октомври лани. "Кога ми се јавија од '24 сата', тогаш ја дадов
изјавата. Ништо не сум темпирала", тврди Петровиќ.
"Мојата изјава
се однесуваше само за тој ден, односно за таа ноќ. Согласно листингот,
Тоше навистина не пратил порака никому ниту се јавил. Не ме
интересираше дали претходно и пишувал порака на госпоѓата Андријана,
сигурно и пишувал, па тие излегуваа заедно. Ме интересираше само таа
ноќ", тврдеше Петровиќ.
На тоа реагираше адвокатот на Будимир, кој
како доказ го упати Судот да провери на листингот дека Тоше и се јавил
на Андријана во 00.01 минута на 16 октомври лани, пред да загине.
"Јас
се качив во 'туарегот' во Ниш во 02 часот, не знам дали претходно Тоше
се јавил некому, но тврдам дека од тој момент никому не се јави и не
пиша порака", тврдеше Љиља.
"Зошто не прецизирала тужената оти
нејзините тврдења дека немало комуникација меѓу тужителката и покојниот
Тоше се однесуваат само за последната ноќ, а не за последните 16 дена
од животот?", ја аргументираше тужбата одбраната на Будимир, на што
тужената рече дека не бил ниту нејзин, а ниту принцип на Тоше да тужи,
демантира, да објаснува и да се влечка по медиумите.
Судењето се одложи за шести февруари напладне, за кога се закажани и завршните зборови на двете страни.
С.К.Делевска
***
Порака имало, ама не за Андријана
"'Волим те, лепо ми пајки', таква порака од последната ноќ од
животот на Тоше немаше. Имаше порака, но не за Андријана. Таа беше за
една драга пријателка на Тоше", рече тужената Љиља. Таа продолжи да ја
нервира Андријана Будимир: "Листингот инсистирам да биде само за Судот.
Сакам да остане тајна со кои луѓе контактираше Тоше тој месец".
Тужителката
Будимир и нејзиниот адвокат вчера првпат ја видоа листата со повиците
од последните 16 дена од животот на Тоше. Според адвокатот Јаниќевиќ,
пораките и повиците се совпаднале според термините, датумите и
саатницата насочени кон мобилниот на Будимир 075 532 630.
Будимир
сосе мобилниот ги даде на судијата на увид сите пораки од Тоше од
последните денови пред несреќата. Пораките и листингот беа единствените
докази кои беа приложени за ова судење.
***
Пораките на Тоше за Андријана
- Принцезо моја убава, убаво да ми спиеш, па ќе те чувам во сонот.
Се има смисла откако повторно си во мојот живот. Те сакам, убаво да ми
нанаш.
- Ангелу мој, те сакам, ми недостигаш, принцезо моја.
- Живеам за тебе, единствена моја, те сакам повеќе од се.
-
Ти си мојата единствена потпора и љубов која ми помага да ја победам и
да ја срушам секоја препрека, а некои дури не ги ни забележувам.
- Принцезо моја, вози полека, ако ме сакаш. Ако нагазиш повеќе од 140, значи дека не ме сакаш. Те сакам, ангелу.
- Внимавај како возиш, особено таму кај онаа кривина. Живеам за тебе, љубов моја единствена, те сакам повеќе од се".
(Пораките се објавени во хрватскиот магазин "Екстра" на 25.10.2007 година)
***
Љиљана Петровиќ барала листа од повиците на Тоше
Хрватскиот веб портал "24 сата" на 15 октомври годинава, пред
одбележувањето на годишнината од смртта на Тоше, објави изјава од
Љиљана Петровиќ во која таа вели дека барала листа на повиците и СМС
пораките од мобилниот телефон на Тоше во последните 16 дена од неговиот
живот. Од листата е видливо дека пораки и повици кон телефонскиот број
на Андријана Будимир нема, се вели во хрватскиот портал.
"Вистина
е дека барав листа на повиците и пораките од телефонот на Тоше. Го
направив тоа за семејството на Тоше и, пред се, за себе. Навистина не
знам зошто таа девојка го прави тоа. Јас не и посакувам никакво зло.
Нека е жива и здрава, но нека го живее својот живот", изјави тогаш
Петровиќ за 24 часа.
***
Будимир за "Глорија": "Тоше ми прати порака пред да загине"
За распламтената љубов меѓу неа и Тоше Проески, Андријана Будимир ,
како што се наведува во написот во хрватската "Глорија", објавен една
недела по погребот на Тоше, со наслов "Тајната љубов откриена после
смртта", приложила докази. "Една од последните пораки и е од кобниот
пат кон Загреб, а во неа Тоше напишал: 'Се има смисла откако си
повторно во мојот живот'. Натаму весникот наведува дека кога стигнал на
хрватска граница, Тоше ја побарал и уште еднаш и посакал добра ноќ,
објави тогаш хрватскиот неделник.